Со двата гола на почетокот на второто полувреме на Џејмс Медисон и на Бренан Џонсон фудбалерите на Тотенхем ја најавија победата од 4:0 на гостувањето во Бирмингем против Астон Вила, која ја потврдија со головите на Сон и на Тимо Вернер во финишот на дуелот од првиот денешен натпревар од 28.коло од Премиер лигата.

Првиот дел им припадна на домашните играчи, но тие не успеаја да реализираат ниту една од шансите. Во 50.та минута на асистенција на Сар, Медисон реагираше најдобро и ја затресе мрежата на Мартинез за водство од 1:0.

Три минути подоцна гостите водеа со 2:0 со погодокот на Џонсон, на асистенција на Сон, кој пак во судиското надополнување на вториот дел (90+1 минута) постигна гол. Конечните 4:0 ги постави Вернер (90+4), на уште една асистенција на Сон.

Голем проблем за екипата на Унаи Емери беше црвениот картон, кој го доби Џон Мек Гин во 65.минута.

Со денешната победа Тотенхем има 53 бодови, два помалку од четвртопласираната Астон Вила која има 55, но и натпревар повеќе.