Првиот од двата дерби дуели во плејоф конкуренцијата на машката ракометна Супер лига се игра денеска во Кавадарци.

На „жешкиот“ терен во салата „Јасмин“ екипата на Тиквеш го пречекува шампионот Еурофарм Пелистер.

Со доаѓањето на Радослав Стојановиќ на кормилото на кавадарчани, екипата игра во одлична форма. Тоа „лозарите“ го потврдија и пред две седмици кога ги израдуваа своите навивачи со победата над Вардар.

„Ќе се обидеме да ја повториме играта од дуелот со Вардар. Но, дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат, ќе видиме!?

Пелистер е шампион и тим кој има одлични играчи на секоја позиција.

Едно е сигурно дека од моите играчи барам само голема борба како што тоа беше си Алкалоид и Вардар.

Верувам дека договореното ќе го спроведат на терен, а дека навивачите ќе уживаат во врвен ракомет“, изјави Стојановиќ.

Тиквеш во моментов е на 4.место на табелата со 10 бодови, еден помалку од Охрид, два од Алкалоид и четири од лидерот Еурофарм Пелистер. Веднаш зад нив е Вардар со 9 освоени бодови.

Исходот од овој натпревар, чиј почеток е закажан за 19.30 часот, како и утрешниот меѓу Алкалоид и Вардар може дополнително да ја замрси трката за шампионскиот трофеј.