Екипата на МКК Куманово предводена од екс селекторот на Македонија, Марин Докузовски ја оствари и 17-тата победа во Втората кошаркарска лига.

Како никогаш досега на изминатите натпревари, кумановци се изнамачија да триумфираат, а мораа да одиграат и дополнителни пет минути. На гостувањето во „Јане Сандански“ МКК Куманово го совлада МЗТ Скопје У.Б. со 92-87 откако регуларните 40.минути завршија нерешено 81-81.

А, ништо не навестуваше на таква завршница, напротив. Првото полувреме гостите го завршија со 17 поени предност 37-54. Имаа кумановци и највисоки +20 (49-69) во третата четвртина, а во последната гостите влегоа со +13 (59-72).

Младите аеродромци не се откажаа, напротив покажаа карактер. Со цврста игра во одбраната го сведоа МКК Куманово на само девет постигнати поени. Тоа го доведе МЗТ дури и во ситуација да брка победа. При нерешен резултат 81-81, домаќините имаа напад за победа, но не успеаја ниту да шутнат кон противничкиот кош. Во продолжението, искуството на гостите предводени од Јаневски и Димитриевски дојде до израз, па МКК Куманово славеше со 92-87.

Важна победа забележаа и кошаркарите на Мега Баскет кои пред своите симпатизери го совладаа велешки Борец. Со оваа победа прилепчани прават чекор напред кон позициите што водат во плејофот.

Денеска ќе бидат одиграни два натпревари во кои настап ќе имаат второ и трето пласираните екипи на табелата. Маџари го пречекува Работнички 2, а во Шкупи им гостува на штипските Соколи.

ВТОРА ЛИГА (МАЖИ) – 17.КОЛО
сабота

МЗТ СКОПЈЕ У.Б. – МКК КУМАНОВО 87-92 (81-81)
МЕГА БАСКЕТ – БОРЕЦ БАСКЕТ 78-67
недела
18.00 СОКОЛИ – ШКУПИ
19.30 МАЏАРИ – РАБОТНИЧКИ 2018
понеделник
17.30 ВОДНО САНС – АНГЕЛИ
Слободен ТЕТЕКС

ТАБЕЛА: МКК Куманово 34, Маџари 31, Шкупи 29, МЗТ Скопје У.Б. 27, Ангели 26, Борец баскет 25, Мега Баскет 24, Соколи 23, Водно Санс 21, Работнички 2018 21, Тетекс 18.