Втора победа за ракометарите на Мулти Есенс во рамките на Супер лига плеј аут. Тие попладнево во дуелот од 4.коло на домашен терен ја совладаа екипата на Еурофарм Пелистер 2 со 32:28 (17:15).

Домашниот тим знаеше да ги казни грешките на противникот и со дисциплинирана игра во одбраната во клучните моменти стигна до посакуваната победа.

Почетокот беше во знакот на битолчани кои поведоа со 3:1, на што следуваше серија од 9:3 за избраниците на тренерот Миле Бочкаровски, кои во 14.минута водеа со 10:6. Таа предност беше во најголемиот дел од првиот дел, но во финишот по 16:11 за М.Есенс, голманот на гостите Василије Печурица имаше серија од пет одбрани (вкупно 9 во првиот дел) и на полувреме беше 17:15.

Во вториот дел по 18:16, домашната екипа направи серија од 8:2 за водство од 26:18 или највисоки +8 со што беше навестена победата. До крајот на дуелот битолчани само го ублажија поразот.

Најефикасни во домашниот тим беа Михајло Костовски и Божидар Илиески со по 7 голови, а кај гостите најдобар на теренот беше голманот Печурица со 12 одбрани.