Во Германската Бундес-лига се одиграа пет средби од 24-тото коло. 

За нас најинтерен беше дуелот помеѓу Бохум на Елези и Лајпциг на Елмас, македонските репрезентативци кои настапуваат во најсилната германска лига. 

До победата стигнаа гостите тимот на Лајпциг со високи 1-4. Поведоа домаќините уште во 7-мата минута преку Витек. 

Гостите израмнија преку Олмо во 30-тата минута за 1-1 и со тој резултат се замина на полувреме. 

Во вториот дел целосна доминација на гостинските фудбалери. По влегувањето на Елиф Елмас, Лајпциг се разигра и постигна три гола. 

Голеадата ја отвори Опенда во 68-та минута за 1-2, три минути подоцна Бохум си постигна автогол, а во 72 минута веќе беше 1-4 со голот на Поулсен. 

Со оваа победа Лајпциг е на петтото место со 43 бода, додека Бохум е на 15-тото место со 25 бода. 

Борусија Дортмунд без проблеми славеше против Унион Берлин со 0-2. Стрелци на головите беа Адејеми во 41-та минута и Матсен во 90-та минута.

Дортмунд со оваа победа го задржа 4-тото место кое води во ЛШ следната сезона со 44 бода.

Standings provided by Sofascore