Македонските ракометари нема да имаат ни малку лесна задача во обидот да се пласираат на Светското првенство следната година.

На денешната ждрепка, Македонија за противник во баражот ја доби незгодната селекција на Фарските Острови.

Капитенот Никола Митревски не крие дека оваа селекција била една од не посакуваните противници.

„Добивме еден од помалку посакуваните противници во баражот. И покрај ова ние ќе влеземе како фаворити и тоа треба да го искористиме.

Фарски Острови е селекција која е во подем, играат брз ракомет, има играчи кои играат во Бундес-лигата и нивната игра се темели на квалитетите на тие играчи.

Доколку бевме од другата во ждрепката и го добиевме овој противник, секако дека ќе бевме задоволни.

Треба да се подготвиме за нив и да го продолжиме континуитетот на пласман на големите натпреварувања“, вели капитенот Митревски.

Бараж дуелите меѓу Македонија и Фарските Острови ќе се играат во мај месец.