Александар Васоски и официјално повеќе не е тренер на ФК Вардар. Популарниот „тетовче“ на својата Фејсбук профил, ја информира јавноста дека се повлекува од тренерското столче на ФК Вардар.

Меѓу другото Васоски открива дек не може да се носи со товарот кој Вардар го има во моментов. Црвено-црните кои долго време се во тепка финансиска криза, ќе имаат и тешка задача да опстанат во Првата лига.

„Факт е дека Вардар е последно место на табелата, што секако не му личи на клуб од реномето, меѓутоа проблемите кои веќе со години го мачат Вардар, не го одминаа и оваа сезона.

Освоени се 17 бода, чисти како солза, без помош од пријатели. Играта од меч во меч се поправаше, многу шанси за жал не ги реализиравме. И со малку повеќе среќа ќе имавме 5-6 бода повеќе. Несреќна околност беше и повредата на Мицевски.

Огромна благодарност до в.д раководството на Вардар, „Комитите“, кои одвоија средства и помогнаа за функционирањето на клубот. Благодарност до навивачите, до администрацијата, вработените, а најголема благодарност до фудбалерите кои вложија натчовечки напори да се постигнат резултати.

Јас ветив дека до декември ќе останам да помогнам, се надевав дека ситуацијата ќе се подобри, меѓутоа очигледно се нема слух и стратегија од луѓето кои треба да донесат одлуки за доброто на клубот.

Не можејќи повеќе да го носам овој товар на таквото функционирање, се повлекувам од тренерското место.

На клубот му посакувам сè најдобро“.