Екипата на Струга е претпоследниот, седми тим што обезбеди учество во плејоф конкуренцијата во машката Супер лига.
Ова откако вечерва стружани пред својата публика стигнаа до седмата победа и завршуваат како четврто рангирани во А групата.
Струга во мечот од последното 14.коло убедливо го совлада Аеродром со 34-23 и ја сочува бодовната предност во однос на Е. Пелистер 2.
Инаку вториот тим на пелистерци, исто така вечерва, славеше победа на гостувањето кај Куманово со 27-24.
Од оваа група, во разигрувањето за шампионската титула покрај Струга ќе ги гледаме и Алкалоид, Тиквеш и Охрид.
Останува уште едно место кое ќе биде пополнето утревечер во Б групата. Таму поблиску до плејофот е екипата на Пролет која има два бода повеќе од Голден Арт.
Утре овие тимови ќе ги играат своите натпревари од последното коло. Голден Арт за противник ќе го има Вардар, а Пролет го пречекува Бутел.



































