Младата репрезентација на Македонија до 19 години ги доби противниците во квалификации за Европското првенство кое од 15 до 25 јули 2024 ќе се одржи во Северна Ирска.
Генерацијата која ја предводи селекторот Тони Јакимовски се наоѓа во групата 7 со селекциите на Швајцарија, Украина и Летонија.
Селекторот Јакимовски даде свое видување и кратка анализа за групата од Елитната рунда на квалификации за пласман на ЕП.
„Задоволен сум од ждрепката, се наоѓаме во добра група. Реално можевме да добиеме и потешки противници. Меѓутоа во денешниот фудбал модерен фудбал, нема слаби и јаки репрезентации, сите располагаат со одреден квалитет и умеат да играат фудбал на високо највисоко ниво.
Се надевам дека на претстојните квалификации во рамките на Елитната рунда за пласман на Европско првенство, пред се ќе успееме да го задржиме континуитетот на добри игра и позитивни резултати. Нема да биде нималку лесно, но подготвени сме за овој предизвик.
Мотивацијата кај моите фудбалери и целиот стручен тим е на едно високо ниво. Ќе дадеме се од себе за да успееме да отидеме чекор понапред и обезбедиме пласман на Европско првенство. Постои голема желба за докажување и надигрување кај моите фудбалери. Се надевам дека нема да изостане и ќе успееме да се прикажеме во добро светло во март. Да го заокружиме овој тригодишен циклус со успех.
Се надевам дека во следниот период на подготовки, сите фудбалери ќе бидат здрави и ќе ги имам на располагање. Не очекуваат два контролни мечеви во Скопје против селекцијата на БиХ на 27 и 29 февруари. Тоа ќе биде и нашата последна проверка пред почетокот на квалификациите за пласман на ЕП.
Максимално верувам во оваа генерација на фудбалери. Покажавме карактер, одлучност и голема желба за успех. Очекувам дека можеме да направиме и постигнеме нешто повеќе, се надевам дека ќе успееме да обезбедиме пласман на следното Европско првенство.
Елитната рунда квалификации се игра од 18 до 26 март 2024 година.