Сезоната во ЕХФ Европската лига влегува во втората половина од групната фаза. По три одиграни натпревари, македонскиот вицешампион Алкалоид има освоено само еден бод.
Веќе утре, Алкалоид го очекува нов натпревар со данскиот претставник Бјерингбро – Силкеборг.
Дуелот со првиот фаворит во групата ќе биде нова шанса за Алкалоид да ја почувствува жештината на гостинскиот терен во Европа и да ги одмери уште еднаш силите со скандинавски состав.
Дуелите со екипите што играат ваков тип на ракомет се драгоцено искуство што се надеваме ќе ја подобри и нашата игра и ќе донесе бенефит во следните натпревари, вели тренерот Кирил Лаазров.
„Бјерингбро – Силкеборг покажа дека е фаворит број еден во нашата група и во моментов е најквалитетен тим.
Ние ќе одиме во Данска да се надигруваме. Тој меч треба да ни послужи за собирање на ново искуство што треба да го искористиме за тоа што нѐ очекува во иднина.
Се надевам дека ќе имаме подобра реализација и во реваншот ќе покажеме поголема борбеност и поголема мотивираност“, истакнува Лазаров.
Утрешниот натпреварот ќе се игра во Јуск Арената во Силкеборг. Почетокот на мечот е закажан за 20:45 часот, а директен ТВ пренос ќе има на МТВ 3 (линк за гледање).