Селекторот Благоја Милевски ги објави имињата на играчите на кои ќе смета за дуелите со Италија и Англија, последни во евро-квалификациите.

Речиси и да нема поголеми изненадувања на списокот на Милевски. Селекторот смета дека најважно е што играчите се здрави бидејќи мора да го дадат максимумот во овие натпревари.

„Списокот е ист од минатиот пат. Ме радува што сите се здрави и верувам дека така ќе биде и по овој викенд во кој сите играат за своите клубови.

Нé очекуваат два тешки натпревари во кои првенствено мораме физички да бидеме подготвени.

Иако со тоа имаме проблеми, бидејќи некои играчи немаат минутажа за своите клубови.

Позитивната енергија која ја имаме во тимот по последните натпревари ни дава за право да се се надеваме на позитивни резултати“, изјави Милевски.

Македонија прво ја чека гостување во Рим кај Италија, а потоа пред својата публика во Скопје и дуел со Англија.

Позитивниот резултат од септемврискиот натпревар во Азурите не треба да не залаже, напротив треба да не мотивира, смета Милевски.

„Со Италија нé очекува поинаков меч од оние претходните. Играчите се истите во двете репрезентации.

Во текот на подготовките  ќе се договориме за начинот на кој ќе одиме на дуелот во Рим. Не сме во ситуација да се штедиме, прво мислиме на Италија, а потоа ќе мислиме на Англија“, додаде Милевски.

Првата прозивка селекторот ќе ја има во понеделник на 13-ти ноември.