Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер успеа да го совлада Вардар во дербито од 8.коло од Супер лигата. На натпреварот од „Б“ група одигран попладнево во Битола, Пелистер победни со 29:25 (18:11).

Вардар стигна до „посакуваниот пораз“ од четири голови и тоа во последната секунда. 

Со овој пораз „црвено-црните“ при идентичен број бодови ќе бидат подобропласирани од Пелистер. Тоа поради подобрата гол разлика во меѓусебните дуели, бидејќи во Скопје вардарци победија со 30:25.

Хендикеп за Вардар беше тоа што изминатите денови играчите и стручниот штаб немаа можност да тренираат нормално поради стомачниот вирус. 

Тренерот Недановски на располагање имаше само три бека: Николиќ-Карапалевски-Јагуриновски, додека Јапонецот Кусоке Јасухира поради репрезентативни обврски не беше во тимот. Во составот беше помошниот тренер Стојаче Стоилов.

Дополнително Вардар не реализираше четири од шест седмерци (Гедбан одбрани три).

Почетокот на дуелот беше во знакот на актуелниот првак. Пелистер знаеше да ја казнува секоја грешка на „црвено-црните“ и брзо стигнаа до водство од 7:1.

Притоа тренерот на Вардар, Владо Недановски искористи и тајм аут. Имаше и нереализиран на седмерец секако и неколку добри интервенции за домашниот голман Гедбан. Таквата игра по 10 минути донесе предност на домашниот тим.

Овој резултат мораше да донесе промена во играта на Вардар, па Недановски внесе и „втор пикер“ со празен гол. Таквиот пристап донесе резултат од 11:7 за домашниот тим. 

„Црвено-црните“ не искористија два напада за да намалат на три негатива. Тоа Пелистер го казни и направи нова серија за убедливи 15:7 и највисоки +8.

Повторно следуваа минутите на Вардар кога гостите намалија на 16:11. Сепак, последните минути битолчани го искористија исклучувањето на Аларов и на полувреме беше +7 (18:11) за првакот.

На почетокот на вториот дел при резултат 19:11 домашниот голман Гедбан одбрани седмерец и одбиената топка. Вардар и натаму играше 7-6 во нападот, а битолчани мудро ги реализираа своите шанси за посакуваното водство.

По третиот одбранет седмерец на Гедбан, битолчани испуштија шанса за +10, но Томовски го одбрани ударот на Цехте.

Проблем за Вардар во 43.минута беше и повредата на Матија Николиќ најдобриот во нападот кај „црвено-црните“ од бековите.

Шампионот Е.Пелистер во 50.минута повторно стигнаа до +9 (26:17), пред се благодарение на одбраните на Гедбан.

Откако голманот на Вардар, Томовски стигна до двоцифрен број одбрани (10), Вардар намали на 21:27, а потоа и до 23:29. Вардарци преку Томислав Јагуриновски стигна од пет негатива (24:29).

Последниот напад Пелистер не го искористи. Одбраната на Томовски овозможи брза контра за Ѓукиќ кој погоди за -4 (25:29). Радоста на вардарци беше голема како тие да победиле.

Најефикасни кај победникот беа, Домен Тајник и Ненад Костески со по 5 голови. Кај поразениот Вардар,  Родригез постигна 4 голови сите во вториот дел.