Најдобриот македонски атлетичар и државен рекордер Дарио Ивановски ќе ја предводи групата маратонци на денешната трка на 19.то издание на Скопски маратон.

Повеќе од 11.000 учесници од 53 држави се ќе стартуваат пред Собранието на Р. Македонија на четирите трки на годинашново издание.

Ивановски според најавите е во добра форма и заедно со претставниците од Кенија ќе води борба за првото место.

Покрај маратонската трка на која ќе учествуваат околу 330 натпреварувачи ќе се одржат уште три други трки. Полумаратон, штафетен маратон и трката на 5км која е и најмасовна.

Воедно маратонската трка ќе биде и трка за државен првак на Македонија, што по една година повторно се враќа како дел од Скопски маратон.

За време на трката ќе има посебен режим на сообраќај.

Организаторите упатуваат апел до сите граѓани да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај.

Затворени за сообраќај ќе бидат следните улици:
ул. Димитрие Чуповски, дел од булеварот Климент Охридски, улицата Свети Кирил и Методиј, улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, улицата Васил Чакаларов, улицата 11ти Октомври, дел од булеварот Крушевска Република, улицата Есенинова, Трета Македонска Бригада, булевар Србија (десната коловозна лента од семафорите со раскрсницата булевар Јане Сандански до семафорите кај Крстот), дел од булеварот Јане Сандански (едната коловозна лента од семафорите кај Мајчин Дом до семафорите со булевар Србија).

Лесни нозе за сите учесници на Скопски маратон.