Најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар, со промени во раководните структури. 

Од вчера, Александар Бајевски повеќе не е спортски директор, а Бобан Грнчаров ја напушти тренерската позиција. 

Премалку од ФК Вардар информираа. На утрешниот натпревар од 3.коло, на гостувањето кај Воска спорт, тимот ќе го предводи Ѓоко Хаџиевски. Тој заедно со координаторот на младинските школи Бобан Бабунски со фудбалерите се веќе во Охрид. 

Во информацијата јасно се напоменува дека ова е само преодно решение и дека набрзо ќе биде соопштено новото име на шефот на стручниот штаб. 

„Ја известуваме целокупната јавност дека тренерот на екипата Бобан Грнчаров, спортскиот директор Александар Бајевски, заедно со членовите на стручниот штаб Орхан Абди, Игор Тасевски и Стево Митревски поднесоа оставки на функциите и повеќе не се дел од ФК Вардар.
Би сакале во името на клубот, да се заблагодариме за професионализмот, енергијата и трудот кои во текот на двете години ги вложивте во клубот и затоа што покажавте колку е важно да се биде онаму каде што се брани “црвено-црното.”
Екипата денес, по планот заминува во карантин, каде што под водство на Вардаровата легенда Ѓоко Хаџиевски и координаторот на младинската школа Бобан Бабунски, ќе ги одработи последните подготовки пред натпреварот против Воска. Во името на клубот им се заблагодаруваме поради тоа што веднаш ја прифатија понудата и се ангажираа да го водат клубот на овој важен натпревар.
Јасно напоменуваме дека ова е само преодно решение. Клубот уште вчера започна преговори со потенцијалната замена на позицијата тренер и засега можеме да кажеме дека истите течат добро. Во најбрз можен временски рок, официјално ќе го соопштиме името на новиот тренер за кој сметаме дека достојно и чесно ќе ја води екипата во понатамошниот период“. 
Се вели во соопштението на ФК Вардар.

Утрешниот дуел меѓу Воска спорт и Вардар кои лани беа главни ривали во второлигашката конкуренција, ќе стартува во 17 часот.