Основното јавно обвинителство Скопје сподели нови детали за бројните инциденти кои го одбележаа фудбалскиот натпревар меѓу Шкупи и Левски од Софија.
Иако бугарските медиуми се обидуваат да ја извртат вистината, сепак се започнало со провокации од „невините“ Бугари, и тоа во Чаир, каде е прободен навивач на Левски.
Според првичните сознанија на Обвинителството, до инцидентот дошло откако навивачи на „Левски“, со две возила со бугарски регистарски таблички, се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, каде прво влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.
Потоа, бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во тепачка со група граѓани кои излегле од околните објекти.
При враќање во автомобилот, 29 годишен бугарски државјанин бил прободен со остар предмет во стомакот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба.
Првични сознанија на Обвинителството се дека локалните граѓани вклучени во инцидентот не се дел од навивачка група. Но, тоа ќе се провери.
„Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот ‘Безбеден град’, а се преземаат и други дејствија“.
Ова е само еден од настаните кои го одбележаа вчерашниот натпревар. Полицијата извести дека уапсила вкупно 21 лице. Двајца навивачи на Шкупи и деветнаесет на Левски од Софија се товарат за нарушување на јавниот ред и мир – пред и за време на натпреварот, а дел од нив и за физички напад на полициски службеници.
Според Министерството за внатрешни работи, навивачите од Бугарија освен што го нарушиле јавниот ред и мир во Скопје, физички нападнале и полицајци.
(ВИДЕО) Поради инцидентите кои ги предизвикаа, полицијата приведе 9 навивачи на Левски