Македонската Кикбокс Маитаи Федерација, со соопштение до јавноста се огради од организирањето на претстојниот турнир во Струга.

Од федерацијата посочуваат дека, ваквите „диви и приватни“ турнири, носат само личен профит, а штета на угледот и реномето на федерацијата и овој спорт.

Во продолжение во целост и интегрално ви ја пренесуваме реакцијата на федерацијата.

Во прилог доставуваме ИНФОРМАЦИИ ЗА ЈАВНОСТА во врска со нелегален кикбокс настан за кој е најавено дека ќе се одржи на ракометното игралиште – „Женска плажа” во Струга на 28.07.2023 година.

Имено, Кикбокс Маитаи Федерацијата на Македонија (КМФМ) и јас, Дејан Митровски – Урко, како нејзин претседател и претседател на Балканската Кикбокс Федерација, ја информираме јавноста дека со едногласна одлука на Управниот одбор на КМФМ се оградуваме од кикбокс настанот кој ќе се одржи на 28.07.2023 година, на ракометното игралиште – „Женска плажа” во Струга, од причина што истиот ќе се одржи од клубови кои не се членови на КМФМ.

Со цел и во насока да се спречи одржување на настани кои се во спротивност на спортската етика, со официјален допис ја замоливме Агенцијата за млади и спорт и локалната самоуправа во Струга да постапат според законот пропишан за одржувајте на вакви турнири и да дејствуваат за да се спречат “диви” настани кои не се од спортски карактер, преку нивно дејствување со спроведување на зачестени контроли за исполнување на услови за одржување на спортски турнири.

Сметаме дека ваквите настани се организираат со единствена цел и мотив, остварување на профит. Тоа е настан од бизнис и забавен карактер, и истиот нема спортски и едукативен опус и се организира од неовластени лица со цел личен маркетинг и финансиска заработка.

Нагласуваме и ја информираме целокупната спортската јавност дека организацијата на овој настан не е дел од Кикбокс Маитаи Федерацијата на Македонија и истиот се организира без дозвола од КМФМ за организирање на ваков настан, а ќе се организира од лица кои немаат регистрирани кикбокс клубови во КМФМ и немаат никаква функција во нашата федерација. Исто така, ја известуваме јавноста дека на овој настан нема да учествува ниту еден репрезентативец на КМФМ или регистриран натпреварувач од редовите федерацијата.

Ваквите натпревари го загрозуваат угледот и имиџот на кикбокс како спорт во Македонија, наспроти напорите на нашата КМФМ да дејствува во насока на едукација и развој на спортот и спортскиот дух.
Оттука, ги замоливме горенаведените институции да реагираат согласно нивните надлежност и овластувања, а медиумите да ја проследат нашата информација и медиумски да не поддржуваат вакви нелегални настани.

Со почит,
Претседстел на КМФМ и на Балканската Кик Бокс федерација:
Дејан Митровски – Урко