Втор ден натпревари на Европското првенство (Б дивизија) за кошаркари до 21 година, што се одржува во Скопје. По вчерашниот пораз од Чешка, македонските младинци денеска се на „поправен“ испит во дуелот против Словачка.
Словаците на минатогодишниот шампионат во Грузија завршија како последно пласирани 19-ти, додека Македонија беше 8-ма. Година претходно во Португалија, овие две селекции (тогаш генерација 2001-ва и помлади), одиграа и меѓусебен дуел за пласман на 15-место, во кој Словачка славеше победа со 87-52.
Словачка вчера беше слободна и за неа денешниот натпревар со Македонија ќе биде прв на шампионат во Скопје.
Пред избраниците на селекторот Никола Василев е да покажат дека по преспиената ноќ и направената анализа од вчерашниот пораз, се кадарни да одиграат квалитетен натпревар по кој ќе ја остварат првата победа.
Покрај натпреварот Македонија – Словачка, вечерва во нашата А група се игра и дуелот Чешка – Бугарија, селекции кои веќе имаат по една победа и се конкуренти на црвено-жолтите за една од двете позиции што водат во разигрувањето.
Почетокот на натпреварот меѓу Македонија и Словачка што ќе се игра во СЦ Кале е закажан во терминот од 18.30 часот, а истиот можете да го гледате ВО ЖИВО ОВДЕ.