Се множат казните на Жозе Мурињо, кој по дисциплините на Европската фудбалска федерација сега е санкциониран од нивните колеги од Серија А.

Првата е поради вербален напад на главниот судија на загубеното финале во Лига Европа, Ентони Тејлор, по што УЕФА изрече казна Португалецот од четири натпревари, а сега челниците на италијанското првенство го „осудија“ на 10-дневна суспензија поради остри критики кон Даниеле Чифи кој им судеше на римјаните на дуелот против Монца.

„Ова беше најлошото судење што сум го видел во мојата кариера и верувајте ми, наидов на секакви судии. Обично, кога зборувам за судии, тоа е затоа што тие влијаеле на играта, но овојпат тоа не беше случајот, сепак судијата беше хорор. Тој воопшто немаше човечки однос со играчите, беше без емпатија, му даде црвен картон на играч кој се сопна за време на судиското надополнување во 96.минута“, е изјавата за која Мурињо е „осуден“.

Наведениот коментар на Мурињо ќе го чини казна на натпреварот против Каљари, на отворањето на новата сезона на Серија А, како и дополнителни 50.000 евра, кои Рома треба да ги плати.