Младинската репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години е убедливо поразена од врсниците од Црна Гора на гостувањето во Подгорица.

Откако вчера нашите младинци го добија првиот дуел со Црногорците, денеска домаќините како да сакаа да покажат дека вчерашниот дуел бил само лош ден, па славеа со убедливи 34 разлика 91:57.

Црногорците триумфот го најавија уште во првата четвртина што ја добија со 12 разлика (25:13), а веќе на полувремето имаа повеќе од двојна предност (50:23).

Во вториот дел Црногорците продолжија во ист ритам и имаа највисоки + 35 поени (67:32), па беше јасно дека избраниците на селекторот Никола Василев нема што да бараат на овој дуел, кој на крајот го загубија со конечни 91:57.

ВО македонската репрезентација, немаше ниту еден играч со двоцифрен број на поени, а најблиски до тоа беше Мемед Резарт кој постигна девет.

Овие натпревари се дел од подготовка за претстојното Европско првенство (Б дивизија) што од 7 јули започнува во Скопје.