Најважниот натпревар во клупската сезона, најпосакуваниот трофеј и клучот за успешна сезона, се крие на стадионот ,,Ататурк” во Истанбул, каде Манчестер Сити и Интер, ќе ги одмерат силите во финалето на Лигата на Шампионите.
Од едната страна го имаме Пеп Гвардиола, човек кој знае како се освујува Лигата на Шампионите и неговата машинерија, која оваа година веќе ги освои Премиер Лигата и Купот, а според прикажаното покажа дека големи се шансите да ја комплетира триплетата. Од другата страна е Симоне Инзаги, тренерот кој го затвори приодот кон неговиот гол, и со сигурна игра се чекираше во финалето во Истанбул. Интер исто така доаѓа како освојувач на купот.
Квалитетот, играчкиот кадар, искуството на Гвардиола, се голем плус за ,,Граѓаните” и сето наведено ги става во улога на фаворити, но од другата страна е италијанскиот квалитет и дисциплина, како и традицијата, со оглед на тоа дека Интер за разлика од Сити, знае како се освојува ова натправарување.
Главната опасност по противничките голмани секако ќе бидат златната копачка, Ерлинг Халанд и светскиот шампион, Лаутаро Мартинез.
И двајцата тренери ќе го имаат на располагање комплетниот тим, па оттаму сосема очекувано е да ги видиме најквалитетните 11 на теренот. Кога е во прашање Интер останува да видиме, дали Инзаги ќе се одлучи за тандемот ЛуЛа, т.е Лукаку – Лаутаро, или предност ќе добие Босанецот, Един Џеко.
Што се однесува до Манчестер Сити пак, останува да видиме дали Халанд ќе биде единствен инстурен напаѓач или друштво ќе му прави младиот Алварез.
Стадионот во Истанбул ќе биде исполнет до последното место, а се очекува спектакуларна атмосфера. Честта да го суди овој натпревар ја доби Симон Марчињак од Полска.
Еден натпревар, 90 или евентуално 120 минути ќе ја одлучат судбината на Интер и Манчестер Сити. Четврта титула за ,,Нероаѕурите” или прва за ,,Граѓаните”