Вест Хем на домашен терен триумфираше над Лидс со 3:1(1:1)  и му ги намали шансите на противникот во борбата за опстанок во Премиер лигата.

Неизвесен натпревар во првото полувреме покажаа двете екипи, со прекрасни акции кои водеа до шанси за гол.

Во 17-тата минута, Лидс поведе со 1:0, а стрелец на голот беше Родриго по брилијантната асистенција од аут, со рака, на Вестон Мекини. Радоста на гостите траеше се до 31-та минута, кога Деклан Рајс постигна погодок и изедначи на 1:1.

Вториот дел им припадна на избраниците на Дејвид Мојс, кои вешто ја контролираа топката и креираа прилики за постигнување на погодок. Во 72-та минута Џерод Боуен го донесе пресвртот на „чеканите“, кои дојдоа до водство од 2:1, а конечните 3:1 ги постави Мануел Ланзини во судиското надополнување (90+4), по одличната асистенција на Пакета.

Вест Хем со 40 освоени бодови излегоа од опасната зона и се на 14-тата позиција на табелата, додека Лидс се наоѓа на 18.место и продолжува во борбата за опстанок со 31 освоен бод, 2 помалку од Евертон и 1 повеќе од Лестер, кој има натпревар помалку.