Екипата на Нотингем Форест го совлада Арсенал со 1:0 и му ги „скрати маките“ на Микел Артета за титулата, односно Манчестер Сити е новиот шампион во Премиер лигата.

„Топџиите“ влегоа во натпреварот офанзивно, со огромна желба за игра и предност во поседот на топката, креирајќи прилики за постигнување погодок. Но, Нотингем имаше одговор на сето тоа и во 19-тата минута преку Таиви Авонији поведе со 1:0 и го „матираше“ гостинот се до крајот на првото полувремето.

Во вториот дел контролата на натпреварот остана во „нозете“ на Арсенал и со последни маки се бореа за постигнување на гол.

Избраниците на Стивен Купер вешто се бранеа и не дозволуваа посериозни прилики за противникот. Натпреварот заврши со 1:0 и титулата оди во рацете на избраниците на Пеп Гвардиола.

Со овој пораз, Арсенал останува на второто место со 81 освоен бод на еден натпревар пред крајот на сезоната, 4 помалку од Манчестер Сити што автоматски ги прави „граѓаните“ нов шампион во англиската Премиер лига.