Младинскиот репрезентативец на Македонија Иван Галевски со 19 одбрани е најзаслужниот за победата на Алкалоид во првиот натпревар од 13.коло од Супер лигата плеј оф, во кој неговата екипа го совлада Еурофарм Пелистер 2 со 29:27 (16:14). Ова беше првиот натпревар од претпоследното коло.

Дуелот во првото полувреме беше изедначен, а разултатот нерешен дури 11 пати. По водството на гостите со 6:5, Алкалоид направи серија од 4-0 за водство од 9:6, но Е.Пелистер 2 брзо се врати со три гола и повторно беше нерешено 9:9. По 13:13, домашниот тим пак направи серија од 3-1 за водство во првиот дел од 16:14. Галевски во првото полувреме имаше 10 одбрани.

Во второто полувреме Е.Пелистер со серија од 3-1 имаше водство од 18:17, но тоа беше знак за Алкалоид и по серијата од 6-0 поведе со 23:18. Набрзо потоа следуваше и највисокото водство од 28:22, но потоа избраниците на Кирил Лазаров како да се опуштија и на крајот битолчани дојдоа до минимален пораз (29:27).

Најефикасен на дуелот беше Павле Петровиќ од Е.Пелистер со 8 голови, а кај Алкалоид Давид Савревски постигна 5.

Алкалоид со 33 бода остана на третата позиција, а во следното коло гостува кај првакот Вардар.