Арсенал со катастрофален пораз од 3:0 на својот стадион, „Емирати“ против екипата на Брајтон, направи огромно оддалечување од првопласираниот Манчестер Сити и воедно титулата во Премиер лигата.

Во првото полувреме, топката и контролата на натпреварот беше на страната на Брајтон, но Арсенал имаше одлични прилики за погодок. Мартин Одегард и Леандро Тросард имаа прекрасни шанси за гол на почетокот (16-тата и 31-та минута), кои не ги искористија, а Букајо Сака го промаши голот во втората минута од судиското надополнување (45+2) во финишот на првиот дел.

По само шест минути игра во второто полувреме (51-та минута), Брајтон дојде до водство од 1:0, а стрелец на голот беше Хулио Енцисо. Прекрасната игра во вториот дел покажаа избраниците на Роберто де Зерби. Напаѓачите одлично се движеа, додека одбраната полека го градеше нападот. Во 86-тата минута, Дениз Ундав прекрасно биеше за дуплирање на предноста (2:0), а за крајните 3:0 во 6-тата минута од судиското продолжение (90+6), биеше Первис Еступињан.

„Топџиите“ по овој натпревар остануваат на 81 освоен бод, 4 помалку од Манчестер Сити, но избраниците на Пеп Гвардиола имаат и натпревар помалку во однос на Арсенал.

Брајтон со оваа брилијантна победа се искачи на шестото место со 58 бодови, еден повеќе од Тотенхем и 4 помалку од Ливерпул, во 34 одиграни натпревари.