Со победата од 30:27 против ЖРК Ѓорче Петров во единственото полуфинале од Куп завршницата на Македонија одиграно во Охрид ракометарите на ЖРК Вардар се изборија за ново финале и шанса да стигнат до пехарот во ова натпреварување. „Црвено-црните“ ќе го играат осмото финале во последните девет години, а утре во 15 часот противнички ќе им бидат ракометарките на Кумаово, кои поради откажувањето на бранителот на пехарот ЖРК Металург без борба се пласираа во финале.

Шампионот Ѓорче Петров имаше само едно водство од 1:0, а потоа водствот беше за „вардарки“. По 6:6 ракометарките на тренерот Александар Царчев направија серија од 6-0 за 12:6. На полувреме сепак беше 15:13 откако шампионките ги консолидираа редовите. Во вториот дел избраничките на тренерот Симе Симевски (Ѓорче Петров) успеаја и да изедначат (18:18; 19:19 и 20:20), но „вардарки“ со серија од 4-1 ја навестија победата. Во последните пет минути разликата беше и +5 (27:22) што само беше потврда на пласманот во финалето.

Најефикасна на дуелот беше Сара Стефановска со 10 голови од Вардар, додека кај Ѓ.Петров најпрецизна беше Милица Николиќ со 5 голови, а голманката Слободанка Кицеска (Ѓ.Петров) имаше 14 одбрани.

Женското финале се игра утре со поечеток во 15 часот, како најава на машкото финале. Двата дуела се играат во „СРЦ  Билјанини извори“ во Охрид.

ЖРК Ѓорче Петров со 16 трофеи е најуспешниот тим во ова натпреварување, Вардар има 6 (последниот во 2018 година), Металург 5, а Куманово 1 (2019).

Ивона Кимовска