Ракометарите на Вардар ќе имаат можност да го бранат трофејот во Купот на Македонија откако во второто полуфинале го совладаа Алкалоид со (31:22). Противник во финалето ќе им биде битолски Еурофарм Пелистер, кој во првото полуфинале го совлада тимот на Пролет со 28:21.

„Црвено-црните“ со оваа победа им се реваншираа на ракометарите на Алкалоид за поразот во првенството. Почетокот на дуелот беше во знакот на Вардар за водство од 3:1 и 5:3, но Алкалоид изедначи на 5:5 и тогаш следуваше „црната серија“ на Алкалоид од десет минути кога Вардар направи серија од 6-0 за водство од 11:5. Серија одбрани имаше голманот на Вардар Мартин Томовски, кој во првиот дел имаше 11 одбрани, а Вардар водство од 14:9.

Бранителот на трофејот на почетокот на вториот дел имаше и високи + 7 (17:10 до 21:14). Алкалоид ги консолидираше редовите, а Вардар почна да греши и во 46.та минута беше само + 3 за Вардар (22:19). Во последните 10 минути повторно доминираа играчите во бели дресови (Вардар) и во 59.та минута ги имаа највисоките + 9 (31:22).

Најдобар стрелец на дуелот беше Дејан Манасков со 12 гола, Гоце Георгиевски постигна 6 (двајцата кај Вардар), додека кај Алкалоид најдобар стрелец беше Мартин Серафимов со 6 голови.

Мартин Томовски беше најдобар играч на натпреварот со 17 одбрани.