Фудбалскиот спектакл помеѓу градските ривали, Милан и Интер им припадна на ,,Нероаѕурите”, кои со одлична игра славеа победа со 0:2.

Избраниците на Симоне Инзаги тргнаа силовито во натпреварот и веќе во 11-тата минута имаа голема предност од два гола. Најпрвин искусниот напаѓач Един Џеко со одлична реакција по нафрлена топка го матираше голманот Манњан. Вистински шок за домашните навивачи приреди Ерменоцот Михтарјан кој во единаесеттата минута по одлично додавање од ДиМарко и добар соло продор, излезе сам пред противничкиот голман и рутински реализираше за 0:2.

Доминацијата на Интер продолжи во текот на целото прво полувреме, а Нероаѕурите беа во неколку наврати блиску до трет погодок. Најпрвин Чалканоглу со удар од далечина ја погоди стативата за да подоцна Михтарјан и Барела пропуштат одлична шанса за нов гол. 
Дополнителен проблем за Милан беше повредата на Бенасер, па слободно може да се каже дека не видовме речиси ништо од Росонерите.

Ситуацијата се смени во вториот дел кога Пиоли го уфрли во игра Дивог Ориги, кој донесе свежина. Милан се закани преку Брахим Дијаз и Месијас со удари покрај голот, за да подоцна најдобрата шанса на натпреварот за домаќините ја има Сандро Тонали, кој од 16 метри шутираше во стативата на Онана.
Интер брзо пронајде начин и го затвори Ориги, па повторно ја презеде контролата врз натпреварот и до крајот уште неколку пати се заканија кон противничкиот гол, но домаќините успешно се одбранија и со пораз од 0:2 останаа колку толку во игра за пласман во финале.

Реванш натпреварот на истиот стадион се игра за 6 дена, кога Интер ќе биде во улога на домаќин.