Без победник 1:1 заврши првиот полуфинален дуел од Лигата на шампионите меѓу европскиот првак Реал Мадрид и Манчестер Сити. Двата тима имаа свои минути, но нерешениот резултат е најреалниот и финалистот ќе се решава за осум дена во Манчестер.
Испитувањето на силите траеше предолго околу 30 минути. Во овој период гостите од Манчестер беа поактивни на противничката половина, а Реал Мадрид немаше удар кон противничкиот гол. Но, затоа пак од првиот удар се затресе мрежата на гостинскиот голман Едерсон. Лука Модриќ одзема топка, во простор го проигра Камавинга, кој асистираше за Винициус Жуниор. Бразилецот со вистинска „бомба“ ја затресе мрежата на Манчестер Сити во 36.та минута за водство на „кралскиот клуб“ од 1:0. Тоа воедно беше и резултат на полувреме.
Вториот дел почна со иницијатива на „граѓаните“, а прв се закани Кевин Де Бриун, но неговиот удар Тибо Куртоа во 52.та минута успеа да го одбрани. Сепак, иницијативата на англискиот првак вроди со плод и резултатот беше изедначен во 67.та минута. Стрелец беше Де Бриун на идентичен начин како и голот на домаќините. Неговиот удар од 20.тина метри заврши во мрежата на европскиот првак. Последното вистинско возбудување беше во последната минута кога ударот на Орелиен Чуамени, Едресон го исфрли во корнер.
Реванш натпреварот се игра на „Етихад“ во Манчестер на 17.мај, додека утре е првиот полуфинален дуел меѓу Милан и Интер.