Ѓорѓиевски: „Расадник” ќе биде домот на црвено-црните

Она што веќе го најавивме, се реализира. Општина Кисела Вода го презема раководењето и владеењето со салата „Расадник“ која децении наназад е руина. 

По иницијативата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, општината и официјално го презеде владеењето со „Расадник“, за чија враќање на вистинскиот сјај и употреба на овој спортски објект, веќе усвоен финансискиот план. 

Ѓорѓиевски најави дека „Расадник“ повторно ќе биде дом на РК Вардар, чиј вистински подем започна токму од Кисела Вода. 

„Со големо задоволство сакам да ве информирам дека конечно правно ја вративме салата Расадник. Ја прездовме без долговите кои ги имаше и започнуваме процес за нејзина темелна реконструкција.
Со овој чин, ставаме крај на 30-годишната негрижа која овој објект го претвори во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор кој од најголема гордост, стана најголем срам, не само за Кисела Вода, туку и за цела Македонија.
Од денес вртиме нова страница во приказната за салата Расадник. Од денес испишуваме ново поглавје кое ќе го врати сјајот на овој спортски објект.
Расадник повторно ќе биде центар на најголемите спортски случувања, повторно ќе биде дом на црвено- црните и на сите други значајни клубови. Место од каде ќе одекнуваат аплаузи и навивања, место каде ќе се слави успехот“, истакнува градоначалникот Ѓорѓиевски.

Како што истакнуваат од Општина Кисела Вода, извршено е примопредавањето и објектот, без долгови е преземен на трајно користење од Владиното Јавно претпријатие за стопанисување со објекти за спорт. Градоначалникот Ѓорѓиевски кој денес изврши увид во руинираната сала, истакна дека сега, откако Кисела Вода правно управува со неа, ќе започне процес за целосна реконструкција и враќање на сјајот на овој некогашен дом на спортот и спортските великани.