Пред полуфиналниот натпревар меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити, тренерот на „кралевите“, Карло Анчелоти одржа прес-конференција.

Имено, тој ја гледа екипата на Пеп Гвардиола покомплетна од лани, кога „лос бланкосите“ ги надиграа и стигнаа до големото финале, и признава дека најголема разлика од минатогодишниот натпревар е незапирливиот Ерлинг Халанд.

„Тоа е комплетен тим кој игра многу добар фудбал. Работиме да го запреме тимот кој изгледа незапирлив. Ќе ги имаме нашите шанси. Во добра форма сме и на исто ниво како минатата сезона. Она што е важно е мотивацијата и ентузијазмот. Освојувањето на „Копа дел Реј“ ни е еден мотив за подобра игра против Сити. Тоа е покомплетна екипа од лани. Габриел Жесус беше многу опасен, но поинаков од Халанд. Можеби сега повеќе ја користат долгата топка, вторите опции, но стилот е ист. Ние не размислуваме да запреме само еден играч – тие се екипа. Сакаме позитивен резултат. Не сакаме да се мачиме, напротив сакаме да играме добро. Целта е да ги избегнеме грешките, пред се во одбраната. Ќе биде тежок натпревар. Манчестер Сити можеби изгледа незапирливо, но ние ќе имаме прилики и можеме да се бориме до крајот.“ – вели искусниот стратег на Реал Мадрид, Анлечоти.

Исто така, Италијанецот потврди дека хрватскиот играч за врска, Лука Модриќ, е потполно спремен и ќе стартува во првиот натпревар од полуфиналето во вторник.