Четири тима со иста желба, а само на два од нив ќе им се исполни желбата, следната сезона да се натпреваруваат во Првата лига.

Иако ова е полуфинална рунда во второлигашката конкуренција, сепак системот на натпреварување, претстојните натпревари ги прави финални. Имено. Екипите кои ќе ја добијат полуфиналната серија што се игра во два добиени натпревари, а со тоа и пласман во финалето, истовремено ќе обезбедат пласман и во прволигашката конкуренција следната сезона.

Три од четирите екипи што завршија во ТОП 4-рите во регуларниот дел од сезоната се полуфиналисти, единствено Охрид кој заслужено го елиминира Работнички не беше меѓу четирите најдобро рангирани.

Со елиминацијата на Работнички, охриѓани се стекнаа со предноста на домашниот терен во дуелите со штипски Соколи, а таква предност ќе има и Вардар кој заври како прво пласиран во натпреварите со Ангели.

Но, таквата предност и не се покажа како значајна, особено на „скопската пресметка“ во која во лигашкиот дел Ангели славеа во „Кале“, а вардарци во Кисела Вода.

Тоа е и добар предзнак дека во овој дуел не очекува интересна кошарка.

Потсетување, полуфиналната серија се игра во два добиени натпревари, денеска на програмата се првите, во среда ќе се играат вторите, а наредниот викенд доколку е потребно би се играле мајсторките.

ПЛЕЈ-ОФ ПОЛУФИНАЛЕ (прв натпревар)
15.00 ОХРИД – СОКОЛИ
18.00 ВАРДАР – АНГЕЛИ