Фудбалскиот клуб Пелистер кој вчера беше совладан од Тетекс со гол примен во 105-тата минута од натпреварот, речиси ги загуби „сите“ шанси, за пласман на третата позиција на второлигашката табела, а со тоа и надежта преку баражот да се врати во Првата лига. 

Од клубот, излегоа со реакција на случувањата во Тетово, за кои битолчани тврдат дека има  многу нерегуларности. 

Соопштението на ФК Пелистер ви го пренесуваме во целост:

ФК Пелистер ја известува јавноста дека попладнево бевме сведоци на тотално нерегуларен натпревар, во кој бевме доведени во ситуација нашите професионалци да стравуваат за својот живот и да играат натпревар со присуство на навивачи в терен.
Сакаме да апострофираме дека по израмнувачкиот гол на Пелистер во 89. минута од натпреварот против Тетекс, на терен влегоа десетина навивачи и натпреварот немаше услови да продолжи и да се доигра. Сепак, беше донесена одлука да се игра дури и со навивачи присутни в терен, на непосредна близина од нашите фудбалери и веднаш до нашиот голман.
Нашиот клуб нема никакви замерки за професионалноста на своите фудбалери, но апострофира дека денес многумина од нив стравуваа за својот живот на нерегуларниот натпревар во Тетово.
Порачуваме сериозно да се анализира нерегуларниот натпревар во Тетово и да се извлечат заклучоци зошто и како нашите фудбалери беа приморани да играат во вакви услови.  Зошто делегатот дозволи натпреварот да продолжи кога навивачи влегоа в терен и физички манифестираа насилство врз службени лица.

Нема да дозволиме ваков тип на натпревари да ни станат секојдневие и ќе продолжиме со чесниот пристап за игра и однесување која му прилега на клуб како Пелистер. Чувствуваме должност ваквите девијации на нашите терени, кои никогаш не се случиле и нема да се случај кога ФК Пелистер е домаќин, да ги пријавиме на надлежните органи и јавноста и да ги заштитиме нашите професионалци. 

За денеска пелистерци најавуваат и видео детали од натпреварот.