Екипата на Јанта волеј го совлада Работнички Скопје со 3:1 во сетови и израмни на 1:1 во победи во финалето на женскиот одбојкарски шампионат на Македонија.

Уште еден интересен меч можеа да видат бројните вљубеници во овој спорт, присутни во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода.

Првиот сет започна со резултатски  израмнета игра во која ниту еден од тимовите не успеваше да направи поголема предност од два поени, за во финишот со три врзани поени домаќинките да го добијат сетот со 25-21 за водство од 1:0. И во вториот иста слика се до 14-14, кога домаќинките се одлепија и го приведоа до крај со 25-17 за 2:0. 

Имаа предност одбојкарките на Јанта волеј и во третиот сет во кој водеа со 17-13, но шампионките не се откажаа, па намалија на 1:2, добивајќи го на разлика со 26-24.

Страшна, борба се водеше во четвртиот сет. Jанта волеј водеше со 6-1, за со серија од 8-0, Работнички да го преземе водството (9-6). Потоа на сцена настапија домаќинките кои направија пресврт за водство од 23-20, што се покажа како клучна, бидејќи Работнички не успеа докрај да се врати во игра, пред се поради сервис грешките, па Јанта волеј го доби сетот со 25-23, а мечот со 3:1 во сетови.

Сега резултатот е израмнет на 1:1 во победи, во серијата подобар до три, која се враќа во СЦ „Борис Трајковски“, со натпреварот број три закажан за во четврток.