Франк Лампард кој пред само шест дена се врати на „кормилото“ на Челзи, веќе вечерва ќе има „пеколно“ тешка задача, и тоа на гостувањето кај актуелниот европски првак Реал.

Лампард го презеде Челзи откако Греам Потер доби отказ и тој ќе го води лондонскиот клуб, најмалку до крајот на сезоната.

„Имаме можност против фантастичен тим и мораме да се обидеме да го искористиме максимумот од тоа, да одиме таму полни со самодоверба и верба“, изјави Лампард.

Тој најверојатно нема да може да смета на Мејсон Маунт и Нголо Канте, кои не играа викендов во Премиер лигата.

„Мораме да се фокусираме на натпреварот во среда и предизвикот што не очекува во Мадрид.
Мислам дека е тешко да се спореди овој тим на Челзи со оној од претходните сезони“,
додаде Лампард.

Првиот дуел помеѓу Реал Мадрид и Челзи е закажан за в среда од 21 часот, а победникот од овој меч во полуфиналето од Лигата на шампионите ќе игра против подобриот од дуелот Манчестер Сити и Баерн Минхен.