Трката која е посветена на припадничките на понежниот пол – Авицена Женска трка, денеска го имаше своето 11то издание со рекордни 3.000 учеснички, што е нов рекорд по бројот на натпреварувачки. Оваа трка уште еднаш покажа дека жените без разлика на нивната возраст, имаат спортски дух и здравите навики ги користат секојдневно.

„Со денешната 11.та Авицена Женска трка, со поставен рекорд од 3000 учеснички, припадничките на понежниот пол покажаа дека се грижат за себе, своето тело и здравје. Исклучително сум среќна што оваа трка од година во година привлекува сѐ поголем број  натпреварувачки. Ги поканувам сите заинтересирани да се пријават и земат учество на трките во наредниот период, а секако ги чекаме и наредната година на 12тото издание на Авицена Женска трка.“, изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.

Стартот и целта на 3 километарската трка беа на булеварот „Илинден“ кај фонтаната Лотос.

Победничка на овогодинешното издание на Авицена Женска трка беше Биљана Кираџиева за 10 минути и 56 секунди, второто место ѝ припадна на Рената Соколовска за 11 минути и 20 секунди, додека пиедесталот го дополни Фросина Михајловска за време од 11 минути и 30 секунди.

Стартот на трката го означи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, додека наградите ги додеја градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров.

Доделени беа и признанија за најбрзите во 7 возрасни категории. По доделувањето на наградите следуваше лотарија со извлекување на стартни броеви и најсреќните се здобија со подароци од партнерите на трката.

Авицена Женска трка и оваа година покажа дека се зголемува спортската култура кај женската популација и дека со добра организација секој може да води здрав живот.