Екипите на Голден Арт и Мулти Есенс ќе го одиграат дерби дуелот од ракометната Прва лига. Ова е меч во кој ќе се судрат две млади екипи кои се меѓу претендентите за позициите што носат пласман во елитното друштво односно Супер лигата.

Пикерот на екипата Голден Арт, Александар Стојменов кој од оваа сезона е нов член на „фамилијата“ на Голден Арт, вели дека ова ќе биде интересен натпревар во кој двете екипи имаат свои калкулации.

„Ова е значаен натпревар за двете екипи, се бориме за влез Супер лига. Атмосферата во нашиот тим е одлична и се подготвуваме за овој натпревар како и за секој друг. Како и од секој натпревар така и од овој очекувам цврста игра, борбеност од двете страни и секако на крај да се радувам на победа заедно со мојот тим, со оглед на тоа дека целиме кон Супер лигата“, вели младиот Стојменов.

Што се однесува до противникот пикерот на Голден Арт смета дека тоа е одлично избран тим со голем број на репрезентативци во младите категории.

„Тие се одлична, млада екипа, со претставници во младинските и кадетските репрезентативни категории. Во одлична форма се, немаат загубено натпревар досега, но сепак ние како и секој натпревар целиме на победа“, додава Стојменов.

Токму фактот дека Мулти Есен нема пораз досега оваа екипа ја има улогата на фаворит.

„Како што кажав, нé очекува многу голема борба, улогата на благ фаворит ја има екипата на Мулти Есенс, ама напоменав дека ние одиме секој натпревар на победа“, делува инспирирано Александар.

Ова е добра најава, дека на вечерашниот меч што ќе се игра во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 19:30 часот, може да очекуваме вистинско дерби кое ќе понуди борба од двете страни на теренот.

Текст: Андреј Вељановски