Тимот на Наполи каде настапува македонскиот репрезентативец, Ељиф Елмас не е на продажба.  Сопственоста на Наполи не е бизнис, туку семејна вредност која не се материјализира со пари, тврди сопственикот на овој клуб Аурелио де Лаурентис.

Според неговите зборови, минатата година добил понуда од инвестициски фонд од Саудиска Арабија да го продаде клубот за 2,5 милијарди евра, но тој не сакал да го направи тоа.

„Тоа беше пред една година. Ми понудија 2,5 милијарди евра, но тоа не беше опција. Воопшто не ме интересира колку вреди Наполи на пазарот. Тоа е семејна работа и нема можност да се откажам од него“, изјави Де Лаурентис за италијанските медиуми.

Сопственикот на Наполи откри дека има план наскоро да го реновира стадионот „Диего Армандо Марадона“, но за тоа му треба дозвола од градот.

„Јас сум Наполитанец и се гордеам со тоа. Го сакам овој клуб и ќе направам се за него. Мислам дека наскоро ќе го реновираме стадионот. Инвестицискиот фонд “Поментуи“ дури сакаше да инвестира пари во таа реконструкција, но и јас не го сакав тоа. Ќе го сторам тоа со мои пари, но под услов властите во Неапол да се согласат да ми го продадат за едно евро, што мислам дека е сосема логично“,
нагласи Де Лаурентис

Инаку Де Лауретис го презеде Наполи во 2004 година, кога практично го спаси од затворање и го претвори во клуб кој оваа сезона речиси сигурно ќе ја освои титулата во Серија А и кој стигна до четврт-финалето на Лигата на шампионите.