Македонија утре го започнува новиот квалификациски циклус, овој за ЕУРО 2024 во Германија.
Иако во групата ги имаме можеби фаворитите за освојување на Европскиот шампионат, Италија и Англија, сепак тука сме да го дадеме најдоброто од себе вели капитенот Стефан Ристовски.
„Имаме квалитетни репрезентации, два фаворити дури за освојување на ЕП. Ќе одиме чекор по чекор, прво за започнеме со освојување на трите бода утре, што пак ќе ни даде мотив за следните натпревари. Долго време не можевме да се собереме сите поради повреди поради што не бевме комплетни. Мило ми е што сега сите сме тука и се надевам дека низ квалификациите ќе бидеме здрави“,
изјави капитенот Стефан Ристовски.
За утрешниот противник Малта која важи за апсолутен аутсајдер во нашата група, капитенот смета дека Македонија е поквалитетна репрезентација, но дека победата треба да заработи со голема борба.
„Малта за нас е противник по мерка, за стартот на овие квалификациите, што треба да ги почнеме со победа. Тоа е најважно во моментов“, дополни Ристовски.
Натпреварот Македонија – Малта ќе се игра утре во терминот од 20:45 часот на арената Тодор Проевски во Скопје.