Давор Здравковски е новото име во најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија.
25-годишниот фудбалер од средниот ред, кој настапува во кипарскиот АЕЛ Лимасол доби повик од селекторот Благоја Милевски за претстојните два натпревари на црвено-жолтите, првиот против Малта во квалификациите за Европското првенство 2024 година (закажан за во четврток -24 март, 20:45 часот), а вториот пријателски против Фарските Острови (понеделник 27 март од 18 часот), што ќе се играат во Скопје.
Здравковски кој ги мина сите младински селекции, а беше и капитен на репрезентацијата до 21 година, со нетрпение очекува селекторот Милевски да му укаже шанса да дебитира во сениорскиот состав, како што вели самиот, тоа е сон на секој млад фудбалер.
„Македонија има свои цели. Секогаш целиме на позитивен резултат. Секогаш сме противник самите на себе, а доколку бидеме такви како што знаеме и умееме, мислам дека се ќе биде позитивно“, вели Здравковски.