Во женското одбојкарско првенство, попладнево (18 часот) ќе се одигра дерби дуелот од 5-тото коло. Во Кисела Вода, екипата на Јанта волеј го пречекува лидерот на табелата и актуелен шампион Работнички Скопје.

Ако се суди по последно одиграниот меч на овие два тима пред неполн месец, кој траеше речиси 2,5 часа, а во кој беа одиграни максимални пет сета (победи Јанта волеј 3-2), тогаш и на вечерашниот натпревар може да очекуваме голема борба за секој поен. Влогот е голем, подобра позиција пред разигрувањето за шампионскиот трофеј.

Во моментов Работнички е лидер со „скор“ 15-3, пред Наковски Волеј кој по победат над Фит Фан волеј во саботата со 3-0, сега има 15-4, додека Јанта волеј е на третата позиција со 14-4.

Овој меч практично ќе биде и увертира за завршницата во Купот на Македонија закажана за во четврток во Радовиш, на кој Јанта волеј и Работнички ќе играат во полуфиналето, во кое пак Наковски волеј за противник ќе го има тимот на Вардар жени.

Во таборот на Наковски волеј со интересно видео се загреваат за куп предизвиците.