Македонската фудбалска репрезентација го четврток (23 март) со натпреварот против Малта ќе го започне новиот циклус на квалификации, овој за Европското првенство што ќе се одржи во 2024 година.

Еден од повратниците во националниот состав, е Дарко Чурлинов, кој не настапи на последните три натпревари, со нетрпение очекува повторно да го облече црвено-жолтиот дрес.

„Навистина се радувам и среќен сум што по подолго време повторно ќе бидам дел од македонската репрезентација. Изминатите месеци поради повредата на мускулот беа тешки за мене, но сега повторно сум во натпреварувачка форма и се разбира дека тоа сакам да го пренесам на репрезентативните предизвици кои ни следуваат. Ги пропуштив последните три репрезентативни собири и навистина со нетрпение го очекувам собирот за почетокот на квалификациите за ЕП 2024. За нас, почетокот на квалификациите е многу важен. Фаворити сме против Малта, но тоа треба да го покажеме на терен. Имаме сила, веруваме во себе и така ќе се поставиме. Ќе се обидеме да го пренесеме на терен тоа што од нас го бара селекторот. Некогаш резултатите се добри, некогаш не, но целта е што подобро да ја претставиме Македонија и да постигнеме најдобар можен резултат. Ќе дадеме се од себе во овие квалификации и верувам дека можеме да направиме голема работа“, вели Чурлинов.

Репрезентацијата во недела ќе го има првиот собир за дуелот со Малта, а потоа и контролниот (пријателски) меч со селекцијата на Фарските Острови што исто така ќе се игра во Скопје, на 27 март (понеделник).