Македонската репрезентација до 21 година предводена од Драган Канатларовски на крајот на март ќе одигра три контролни средби во Анталија.
Селекторот Канатларовски ги искажа своите очекувања од натпреварите со Финска, Летонија и Словачка.
“Натпреварите во Анталија ќе ни бидат од голема корист за подобра подготовка за циклусот квалификации за ЕП во Словачка. Повиканите фудбалери се стандардни во оваа репрезентација во последната година и имаат сосема добра минутажа во клубовите“.
“Василев, Ричков, Ангелов од генерацијата 2004. се дебитанти во тимот и ќе добијат прилика да го покажат квалитетот на натпреварите кои ни следуваат. Жал ми е што поради повреда го немаме Кристијан Тасевски, но заедно со стручниот штаб следиме и други фудбалери од нашето првенство кои се потенцијални репрезентативци и кои треба да ја засилат конкуренцијата“.
“Ова е една од последните проверки пред почетокот на квалификациите. Нашата селекција во последно време бележи одлични резултати. Сеуште немаме пораз, а во досегашните осум натпревари, остваривме пет победи и три нерешени резултати“.
“Во Турција не очекуваат тешки натпревари против силни репрезентации. Финска игра сличен фудбал како Шведска, нашиот прв противник во квалификациите за ЕП. Словачка е многу квалитетна репрезентации и во последните години бележи голем напредок во младинските категории.
Веќе една година работиме со оваа селекција, се надополнуваме и функционираме како тим, се надевам дека ќе успееме да го извлечеме максимумот“.
“Целта е јасна, а тоа е да се создаде победнички менталитет и фудбалери кои ќе бидат носители на играта во А репрезентацијата на Македонија“.