Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски утре наутро ќе има настап на Европското првенство во атлетика во сала што се одржува во Истанбул. Ивановски ќе трча во првата од двете групи, а во секоја од групите има по 10 атлетичари. Ивановски на овој шампионат е пријавен со резултатот истрчан во Будимпешта – 7:59.51 минути.

Инаку, македонскиот и рекордот на Ивановски (член на АК Корранерс) во оваа дисциплина изнесува 7:58.48 минути постигнат на 5.март 2022 година на Балканското првенство, во истата сала Атакој Арена каде што ќе трча утре.

Стартот на првата група е во 8 часот по македонско време, а во групата ќе трча и Норвежанецот Јакоб Ингебритсен од Норвешка, кој е прворангиран во оваа дисциплина во сала на европската таблица.

Денеска настап на шампионатот имаше и Дрита Ислами во дисциплината 400 метри. Таа истрча за 55.86 секунди или за две стотинки послабо од нејзиното најдобро време или го истрча својот втор резултат во сала на 400 метри.