Македонскиот првак Вардар утре ќе го одигра четвртиот воедно и последна натпревар од групната фаза во регионалната СЕХА лига.
Вардарци ќе гостуваат во Белград кај Партизан во меч од Б групата. Откако на првата меѓусебна пресметка одиграна во Скопје, Вардар славеше пред своите симпатизери со пет гола разлика (31-26), црвен-црните и овојпат важат за фаворити.
Но, противникот нетреба да се потцени и треба да се одигра максимално за да се оствари третата победа со што би се потврдило и првото место во групата, сметаат во таборот на македонскиот шампион.
„Секако овој дуел со Партизан ќе биде поразличен меч од оној во Скопје на почетокот на месецов. Партизан е млад тим кој пред домашна публика игра добро. Ние имавме добра поддршка тука од нашите навивачи, а Партизан малку потклекна пред таа атмосфера. Во Белград сигурно нема да биде така. Сигурно ќе играат поразлично. Ниту тие, ниту ние, не бевме целосно подготвени тогаш, беше почеток на пролетен дел. И ние одиме на победа во Белград. Ќе ни недостасуваат Милан Лазревски и Борко Ристовски од поискусните, а од помладите во Скопје остануваат Андреј Добрковиќ и Марио Стојановски. Без разлика на противникот и теренот каде се игра Вардар секогаш ја игра својата игра надополнета со некои нови работи. Задоволство ми е дека новите играчи се веќе целосно вклопени во новиот систем“, вели вардаровиот тренер Владо Недановски.
Од пласманот во Б групата на екипите ќе зависи и кој ќе биде противникот на Вардар во четврт-финалето. Првопласираниот од група Б ќе игра со вториот од Група А, а второпласираниот од Група Б со првопласираниот од Група А. Третопласираните од групите за ривали ќе ги добијат екипите на Веспрем и на ППД Загреб.
Утрешниот натпревар меѓу Партизан и Вардар ќе започне во терминот од 18 часот.