Во репризата на последното финале од ЛШ Ливерпул и Реал Мадрид одиграа можеби историски натпревар. Европскиот првак Реала Мадрид по 15.минути беше во негатива од два гола, а на крајот од дуелот стана екипата која постигнала најмногу голови на „Енфилд“ во европски натпревар и го совлада Ливерпул со 5:2.

Одличното прво полувреме во кое беа постигнати четири голови стартуваше со феноменалниот гол на Дарвин Нуњез во 4.минута. На додавањето од Салах, Уругваецот како врвен стрелец со „петица“ ја смести топката во мрежата на Куртоа. Десет минути подоцна нова ерупција на „Енфилд“ грешката на Куртоа со гол ја казни Салах. Инаку, претходно Карвахал ја врати топката кон својот голман.

Реал намали во 21.минута преку Винициус Жуниор (стрелецот на победничкиот гол од ланското финале). За да биде се исто во првиот дел се погрижи голманот на Ливерпул, Алисон. По една вратена топка од Гомез го погоди Винициус Жуниор и европскиот првак Реал изедначи во 36.минута. И двете екипи во првите 45 минути имаа шанси да постигнат по уште некој гол.

На стартот од вториот дел Реал поведе во 47.минута кога по слободниот удар на Модриќ, Милитао ја затресе мрежата на Ливерпул. За конечните 2:5 се погрижи Бензема. Најпрвин во 55.минута кога по неговиот удар топката удри во Гомез и го измами Алисон, а во 67.минута играчите на Реал ја казнија грешката на Фабињо за нов гол на Бензема.

Реванш дуелот се игра на 15.март, но Реал Мадрид е пред промоција во четвртфиналето.