Пелистер не успеа да направи уште еден чекор и да обезбеди пласман во финалето. Иако рано влегоа во резултатска негатива, „зелено-белите“ се вратија, дури и премина во водство, но на крајот снемаа сили да го совладаат тимот на Феникс.

По натпреварот тренерот на пелистерци кој важи секогаш за одмерен во своите настапи, отворено посочи дека мора конечно да се стави крај на „циркузантите“ кои го рушат реномето на ова натпреварување.

„Одигравме еден натпревар кој изобилуваше со многу поени. Ние практично во почетокот го загубивме натпреварот со 17 разлика, која подоцна успеавме да ја стигнеме. Сето останато што се случуваше на паркетот, не сакам да го коментирам. Купот е организација за сите љубители на кошарката, му честитам на организаторот, но мора да потенцирам дека треба да се стави крај на циркузантите да го расипуваат сето ова. Се појавуваат екипи кои создаваат една слика, сосема поразлична од она која била во минатото, а притоа се поддржани од некои играчи чиј однос не е пример за сите оние кои доаѓаат и навистина жалам за тоа“-
гласи коментарот на Марјан Илиевски, тренерот на екипата од Битола.

Сега на битолскиот тим му останува да се фокусира на првенството, во кое во моментов е на втората позиција на табелата зад шампионот МЗТ Скопје, а токму овие два тима би требало да бидат и главните претенденти за шампионскиот трофеј.