Македонскиот спорт е во се подлабоко во криза. Сакаме ние тоа да си го признаеме или не, тоа е факт.
Спортот е мерлива категорија. Резултатите се мерка на сработеното во спортот. Ако ги погледнеме во изминатите неколку години, лесно ќе воочиме дека Македонија и НЕ МОЖЕ да се пофали со врвни резултати. Чест на исклучоци како таеквондистот Дејан Георгиевски и борачите Могамедгаџи Нуров и Владимир Егоров кои во олимписките спортови, константно се на самиот европски, па и светски врв.

Ќе е запрашате – На што се должат лошите резултати!?
Фактори има многу, најчесто кога разговарате со спортските работници ќе ви речат, ПАРИ!
Ќе се согласиме во голема мера со тоа. Но, последните години сигурно тоа е трката по „спортскиот денар“ или така-наречен „Спортски ваучер“, во која „спортските работници“ заборавија на основното, да произведуваат добри спортисти, а не да трчаат по резултати кои подоцна, на овој или оној начин ќе им донесат пари од „спортскиот ваучер“.
Ова е факт кој никој во државата не може да го порекне!

Но. Ние нашите размислувања ќе ги пишеме во некоја друга прилика, а сега ќе побараме мислење од експертите, луѓето кои долги години работат и зборуваат, во кој правец и како треба да ни се движи и развива спортот.

Првиот наш „гостин“ на оваа тема ќе биде Проф. д-р Иван Анастасовски од Факултет за физичко образование, спорт и здравје. Во продолжение неговото видување на оваа опширна тема, која е слободно отворена и за ваши коментари.

ФИНАСИРАЊЕ КАКО БАЗАТА НА ПРОФЕСИОНАЛНИОТ И РАЗВОЈНИОТ СПОРТ

Во последните неколку недели гледаме препукување на двете најповикани и највлијателни институции во делот на спортот во нашата држава, но за жал тоа не е поради сериозни спортски резултати и успеси, туку поради одредени сомнителни финансиски движења за кои со свои податоци излезе и Комисијата за спречување на корупција.

Но сепак, оваа треба да се остави на државните истражни органи да си ја вршат својата работа. Непобитен факт е тоа дека спортот како систем не може да егзистира без делот кој е најзначаен – финансирањето, во тој контекст нашата држава од 2017 година активно започнува институционална активност и изнаоѓање на системски решенија за финансирање и преструктуирање на спортскиот систем како и модели за негово редефинирање и подобрување во сите негови сегменти: играта, резултатите, структурата на управување и менаџирање итн. Финансирањето во спортот е една од основните алатки за неговото ефикасно функционирање и егзистирање.

Жалосно е тоа што денес, нашиот професионален (врвен) спорт се темели исклучително на финансирање од страна на државниот буџет односно даночното ослободување или популарно наречено „СПОРТСКИ ВАУЧЕР“.

Да бидеме на јасно овој модел на финансирање не повлекува финансии од профитабилниот дел на компаниите, туку напротив тоа се пари преку кои компаниите го полнат државниот буџет од кој зависиме сите ние односно сите општествени сегменти како што се труд и социјала, образование, здравство екологија, инфраструктури итн.

Во принцип со овој модел државата одлучува да се откаже од одреден процент (зависи од спортот) на финансии и за доброто на спортот да му пренасочи дел од тие финансии се со цел да помогне како нашиот професионален спорт подбор да се развива и унапредува.

Оваа е модел кој можеме слободно да го наречеме единствен од таков вид во европската пракса, дури и да си земам за право да го ставам во графата “иновативен“, па во случај да даде сериозни европски резултати и го донесе на европскиот пиедестал нашиот спорт, како пред неколку години кога освојуваме европски круни во ракомет или изборувавме плеснам на завршници на меѓународна спортска сцена во колективните спортови или пак во индивидуалните спортови ќе видиме како некој наш поединец го освојува тронот, ние како нација ќе се гордееме со таа општествена спортска вредност, затоа што државата се откажува од дел од финансии и ги насочува кон спортот и создавање на нови спортски вредности во нови спортски идоли на нашата нација.

Да нема дилеми, јас лично не сум убеден дека овој модел е решението за унапредување на развојниот (младински) спорт и финансирање на професионалниот (врвен) спорт кој во принцип е многу скапа работа и бара големи вложувања и финансии.

Кога се работи за спортот како широка општествена категорија нема посебен унифициран модел на финансирање на кој генерално како држава ќе се повикаме и со тоа ќе ги решиме сите проблеми, напротив европската пракса настојува да обезбеди модели на конекција помеѓу капиталот како основно средство за егзистирање на спортот и спортските колективи (федерации, организации, клубови, итн, итн).

Теоријата подразбира два модели на финансирање како помош од државата и тоа:
а) Директна интервенција (буџет, субвенции, фондови, стипендии и слично), и
б) Индиректна интервенција (даночни олеснувања, придобивките за инвестирање во спортот, поттикнување соработка помеѓу индустријата и спортот, итн).
Вториот модел е прогресивен и перспективен кој има проактивна улога за менаџментот на спортските колективи и во целост му го олеснува и подобрува функционирање на спортот особено професионалниот.

Во овој сегмент на крајот би сакал да бидам дециден во тоа дека нашата државата нема таква фински моќ да може да ги развива и унапредува сите спортови кои постојат кои се структурирани и систематизирани, но ако нашата држава имаше своја Стратегија за спорт (а ја нема) многу лесно во неа може да предвиди во кои тоа спортови треба да се вложува, и од кои во иднина ќе има сериозен фидбек за тоа што се вложуваат јавни финансии и за кои треба отчетност.
Лично мислам дека државата е должна јавните финансии да ги насочува кон спортската инфраструктура, но за тоа во друга прилика.

Проф. д-р Иван Анастасовски
Универзитет Св. Кирил и Методиј, Факултет за физичко образование, спорт и здравје
Претседател на Геостратешки Институт ГЛОБАЛ