Тинекс Пролет денеска со почеток во 18 часот ќе го стартува настапот во ракометниот плејоф на Македонија, и тоа со гостување против актуелниот шампион Вардар. Тимот на Тинекс Пролет пренесува два бода во плеј оф по освоеното второ  место во групата од Супер-лигата, но заминувањето на Аларов, Јагуриновски и Џонов сигурно ќе влијае и на спуштање на амбициите.

Во Тинекс Пролет на сцената доаѓа нов бран млади и талентирани ракометари, актуелни кадетски и младински репрезентативци на Македонија, кои под водство на тренерот Лембанов ќе имаат шанса да ги покажат квалитетите и против најсилните ривали на домашната сцена.

„Заминувањето на дел од клучните ракометари влијае врз амбициите, но не значи дека Тинекс Пролет ќе се предаде на било кој од натпреварите во плејофот. Добро работевме во текот на минатиот месец, можам да кажам дека овие млади ракометари добиваат на самодоверба пред предизвиците што ќе следат. Задоволен сум од нивното залагање, но и свесен дека допрва ќе видиме кој од нив колку ќе ја искористи шансата што ќе ја добие. На крајот од сезонава ќе имаме јасна слика кој од младите асови колку може да понуди и за во иднина, она што е стопроцентно јасно е дека ќе имаат 14 силни натпревари против квалитетни ривали за да го добијат неопходното искуство на најголемата сцена во Македонија. Без оглед на ослабениот состав, можам да најавам дека ќе се бориме чесно против сите ривали, имаме и квалитет и искусни ракометари во тимот за да стигнеме и до позитивни резултати на дел од натпреварите што се пред нас“, вели Лембанов.

Во првото коло ривал е шампионот Вардар, тим за кој настапуваат довчерашните ракометари на Тинекс Пролет, Михаил Аларов и Томи Јагуриновски, а од стручниот штаб се свесни за тежината на противникот, а  ќе биде предизвик да се игра против поранешните играчи Јагуриновски и Аларов кои до вчера беа дел од Пролет, особено што Аларов е буквално дете на Пролет и момче кое прижаше одлични партии во тој дес

„Сите добро знаат кој е Вардар, тоа е тим што и сезонава е главен фаворит за титулата. Она што можам да кажам е дека ние нема однапред да се предадеме и да почнеме да мислиме на наредниот ривал, ќе се подготвуваме за секој меч со цел да одиграме што подобро. Аларов и Јагуриновски до вчера беа со нас, ќе бидат измешани емоции кога ќе ги видам на спротината страна. Томи беше со нас нецела сезона, но одлично се вклопи, додека за Аларов слободно можам да кажам дека е една од легендите на поновото време на РК Тинекс Пролет. Тие се наши добри пријатели, ќе бидат и пред и по мечот, но јасно е дека во оние 60 минути колку што ќе трае мечот нема простор за пријателство“, истакнува стратегот на Пролет.