Продолжениот кошаркарски викенд на домашната сцена носи два дерби дуели од 14-тото коло.
Покрај понеделничкиот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, денеска во
СРЦ „Кале“, дуел на две екипи кои се „соседи“ на првенствената табела. Актуелниот куп победник на Македонија, со ново име ТФТ Моцар како четврто рангиран тим, го пречекува трето пласираниот Гостивар кој по победа над шампионот МЗТ во минатото коло, во Скопје доаѓа со свои амбиции.
„Вчерашниот ден со сигурност ќе остане запаметен во историјата на ТФТ, партнерскиот договор со Моцарт во наредните 1,5 година со сигурност е тој следен чекор за нашата организација. Веќе попладнево нѐ очекува дерби натпревар против екипата на Гостивар каде за прв пат ќе настапиме како ТФТ Моцарт. Иако неделава помина во подготовки за договорот со нашиот нов генерален спонзор, не изостана сериозноста на подготовките за екипата на Гостивар. Станува збор за екипа која успеа во два наврати да го совлада шампионот МЗТ и токму после еден таков триумф ни гостуваат на нас во Скопје каде што имаат свои амбиции. Од друга страна како тренер навистина сум задоволен од сработеното периодов, турнирот од АБА лигата ни помогна да влеземе во посакуван натпреварувачки и ритам и полека ја подигаме формата во еден исклучително важен период за нас – пред купот на Македонија. Со еден агресивен пристап и добра енергија како и контрола на скокот, се надевам на победа на денешниот натпревар, која ќе нѐ задржи на врвот на табелата во крајно израмнетото првенство годинава“,
изјави Боро Смилковски во интервјуто за СПОРТ+.
Сигурно дека ваквиот оптимизам во таборот на екипата од Тафталиџе се должи и на фактот дека во трите прволигашки пресметки во Скопје, гостите од Гостивар досега се немаат израдувано на победата.
Кој ќе биде исходот од денешниот меч што започнува од 18 часот, останува да видиме.
Натпреварот може да го следите ВО ЖИВО ОВДЕ.