Актуелниот победник во кошаркарскиот Куп на Македонија екипата на ТФТ во наредните 18 месеци ќе го носи името ТФТ Моцарт.

Ова откако клубот од скопската населба Тафталиџе денеска и официјално потпиша спонзорски договор со компанијата компанијата Моцарт (Mozzart) Македонија.

„Моцарт како општествено одговорна компанија, продолжува со инвестиции во македонскиот спорт. Таа серија сега продолжува до КК ТФТ. Чест ми е што можам да соопштам дека компанијата Моцарт како регионален лидер во приредување игри на среќа, денеска потпишува договор со ТФТ за бренд спонзорство со што овој клуб ќе го носи името ТФТ Моцарт. Нашето внимание, ТФТ го привлече уште минатата сезона кога во класична „Давид и Голијат“ ситуација, го освои Купот на Македонија, со најмал буџет од сите клубови кои претходно стигнале до пехарот во тоа натпреварување. Оваа година е дел од АБА 2 лигата и атакува на двојната круна во Македонија. Го препознавме ТФТ како бренд, се надеваме дека соработката ќе биде долгогодишна и дека заедно ќе се радуваме на големи успеси во иднина“,изјави Кирил Кировски од компанијата Моцарт.

Клубот кој од „маалски“ прерасна во респектабилен тим не само во нашата земја туку и во регионот, преку своите настапи во неколкуте меѓународни натпреварувања, со ова добива стабилен спонзор, па сега ќе може уште повеќе да се насочи кон остварување на врвни резултати, не само на домашната туку и меѓународната сцена, истакна Боро Смилковски тренерот и практично прв оперативец на клубот.

„За нас ова е уште еден од големите и важни моменти во кратката историја на ТФТ. Ако досега зборувавме за спортски успеси, ова е прв наш голем договор за логистичка поддршка со една голема компанија. Ова е голем момент за стабилизација на ТФТ и за можност за остварување на целите. Со ова нашите амбиции се поголеми. Ќе настојуваме да оствариме уште подобри резултати. Со потписот на соработката почнуваат многу обврски за нас, на спортски и логистички план, со цел да го претставиме нашиот нов спонзор во најдобро светло. Благодарни сме на сите во Моцарт бидејќи сето она во што верувавме досега, полека се остварува“, истакна Смилковски.

Капитенот Едис Нури, кој заедно со Смилковски заедно ја започнаа целата успешна приказна на тимот од Тафталиџе, не ги криеше амбициите.

„Ова е голем ден за нас како клуб, но и за Моцарт како компанија која знае да препознае потенцијал. Ние сме клуб со големи амбиции. Наша цел е еден ден да играме со Партизан во Евролигата, баз разлика дали тоа ќе биде за две-три или повеќе години“, изјави Нури.

Дека во клубот размислуваат долгорочно говори и фактот дека е ТФТ ја продолжи соработката со Виктор Ташкоски и Дамјан Крстевски кои како и Страхил Николов се обврзаа на „верност“ до 2025 година, а при крај се и преговорите во ветеранот и прв играч на екипата Александар Костовски.

Под новото име ТФТ Моцарт тимот ќе настапи веќе утре кога во рамките од 14-тотко коло на Првата лига го игра дербито со Гостивар.